Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите

Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите

Коалицијата МАРГИНИ Скопје има за чест да ве покани на конференцијата “Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ младите во Северна Македонија”, на 31-ви октомври, од 10-13 часот, во хотел АРКА.
На конференцијата ќе ги претставиме публикуваните резултати на последната HBSCM студија –„Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст во С. Македонија (11,13 и 15 год.)“, 2018, која вообичаено се спроведува на секои четири години, во 48 земји од Европа, Северна Америка, Канада и Русија, меѓу кои и во Северна Македонија.

Во рамки на конференцијата ќе претставиме и И З Ј А В A за потврдување на професионалниот став и третман на ЛГБТ лицата, со посебен осврт на младите”, што Коалицијата ја подготви со тим експерти, а која е наменета за сите струковни и професионални здруженија на психолози, психијатри, социјални работници, педагози и социјални едукатори.

Главен истражувач во рамки на националната студија е Лина Ќостарова Унковска, која, во рамки на конференцијата, ќе ги претстави главните наоди, предизвици и препораки од истражувањето.

Студијата (HBSCM) од 2018 година, со учество на учениците од 13 и 15 години, во најширок опсег досега, се занимава и со прашањата на сексуалноста и родовото самоопределување, истовремено истражувајќи ги нееднаквостите во здравјето и правата на ЛГБТ-младите, како и на хетеросексуалните млади, што овозможува и натамошно следење на состојбите. Истражувачкиот тим на студијата HBSC од Северна Македонија, примени поинакви, еднакво релевантни пристапи и методи на идентификување на ЛГБТ децата и младите, кои досега останувале скриени и недостапни за научно-истражувачката постапка. Новите можности се содржеа и во поврзување на прашањата за сексуалното здравје и однесувања, како и за родовите прашања, со добросостојбата и правата на децата и младите, воопшто.

Во истражувањето што беше спроведено во 149 основни и средни училишта во целата земја, доброволно учествуваа 3.225 ученици, 1.567 момчиња и 1.658 девојчиња на 13 и 15 години, од паралеки со македонски и албански наставен јазик.

Говорници на конференцијата ќе бидат Лина Ќостарова Унковска, носител на HBSC студијата и главен истражувач, проф. Николина Кенинг од Институтот за Психологија при УКИМ, Ана Попризова, претседателка на Активот на психолози и педагози, Мирјана Јовановска Стојановска – Претседател на Комората на психолози на РСМ, Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција МАРГИНИ, Славчо Димитров, Коалиција МАРГИНИ и Јована Тренчевска, Државен секретар, Министерството за труд и социјална политика.

*Реализацијата на истражувањето “Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ- младите во Северна Македонија” како дел од HBSC студијата, неговата публикација, и конференцијата се поддржани финансиски од Heinrich-Böll-Stiftung (Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo) и Фондација Отворено општество – Македонија.