А под плаштот

А под плаштот

Под плаштот од гламур и убавина, триста ѓаволи се кријат. Го живеат својот живот, и роварат, далеку од очите на сите. Се викал тој “Скопје 2014”, или “Македонија, инвестициски рај”, или “Знаењето е моќ…”, или “Избери живот”, “Избери зелено, диши длабоко”, “Нашето единство, наша победа”, и безброј слични. Сосема е сеедно. Плаштот надвиснува и со целата своја тежина се заканува да не поклопи сите, заедно со креаторите на Големата Идеја. Истовремено и магично привлекува, да се подигне и зирне што има под него, но и да се стргне целосно, и наеднаш, со еден потег. Но, не е лесно.

 

Што ако таму, под убавината и сјајот, стојат склупчени страдањата на човекот? Што ако е таму ужасот на родителите на застреланите од смилковското езеро? Или, болката на оние кои не знаат зашто чмаат по македонските затвори, или на нивните блиски, кои се врткаат пред судовите и шалтерите, без никакви вести и знаци за животот на своите најмили? Што ако таму, во наборите од плаштот, стојат затворени и заборавени залудните апели на хронично болните, и на сите оние кои немаат никаде никој свој од влијание и моќ, а се работи за голи животи? Не е лесно да се стргне плаштот, зашто таму има и стравови и закани, а има и ѓубре, и лаги, и измами. Има ограбени, понижени луѓе, и гладни, обесправени деца. Не е лесно наеднаш да се соголат толку многу болни вистини и човечки неправди, пикнати под плаштот во толкав сјај. Не е лесно и затоа што на секој макар и најмал допир, плаштот, кој едвај се додржува и само што не се слизнал, жестоко се брани, со уште поцврсто себе-завивање, околу колковите, градите, лицето, јазикот и очите.

 

Од друга страна, токму неговата блескава репрезентативност, и покрај сиот страв, предизвикува да се брцне подлабоко во неговите набори. За право на вистината сведоци сме на токму таков обид на уметникот Жерновски, со изложбата “СЕТА УБАВИНА МОРА ДА УМРЕ”, а по повод празникот 8-ми Септември. Во пукнатините кои храбро ги отвора, Жерновски го сместува своето оригинално дело, со поинакви решенија. Со “амбивалентноста и многузначноста, со парадоксот и плуралноста, тој нуди простор кој ослободува нови можности, поинаков говор и поинаква имагинација, за поинакви релации и поделби, за поинаква приказна…” – ќе забележи Славчо Димитров, во најавата на перформансот. За набргу потоа, авај, плаштот, и самиот да се слизне, и за момент да се разголи во целиот свој лажен сјај, со кошаркашкиот пораз на нашите момци, на истиот тој, наш величествен државотворен ден. Каков срам. За веќе подготвената иконографија на триумф и разулавено славје, кои мораат да се откажат, а со тоа и опиумот за народот да изгуби на својата исцелителна моќ, и наместо тоа да се појави само едно големо НИШТО. Голема, празна дупка која не може да се пополни, со ништо. И сега, ШТО?

 

Затоа, за плаштот да се тргне, треба храброст, но и бесрамност. Треба дрскост и бесчувствителност. А треба и вистинскиот момент, за сето тоа, таму, под плаштот, да се разголи, до коска.

 

Затоа, УБАВИНАТА МОРА ДА УМРЕ, за да се разголи нејзиното болно тело, со сите произволности и лаги, во име на нашиот збор и избор, наспроти големото НИШТО. Убавината мора да умре, за да се родат нови, и многу различни, автентични животни творби.

 

Затоа мораме да ги откриеме, и да ги воскреснеме ако треба, сите свежи, но и заборавени, незаразени идеи. Затоа мораме да ги извлечеме на површината сите антихерои на нашето време, како Кили, на пример, со нивниот доследен, полн интегритет, и достоинство. Да ги воспееме и опишеме, и да им обезбедиме значајно место во нашиот заеднички простор, независно од нашите лични вкусови и афинитети. Мораме да почнеме да трагаме по автентичните чувства, слики, идентитети, значења, игнорирани, потиснати и заборавени, под притисоците и лагите на ова време. Мораме да ги разоткриеме табуата, и слатко да им се насмееме в лице, како кога мали деца се растрашуваат од “баба рога”, или “старо купујем”. Истото да го направиме и со заканите, како што тоа го прават социјалните мрежи, ослободено и духовито. Да ги отвориме страшните, недоречени и незавршени животни теми, пред очите на сите. Да проговориме отворено и дрско за своите стравови, за личните и колективни припадности, за скриените потреби, за сексуалните желби и ориентации, за родовите заблуди, за меѓуетничките чувства, за сторените злосторства – како што ги вадиме старите, веќе неупотребливи ќилими и јамболии, секоја пролет, за да не фатат молци, но сега НЕ и за повторно да ги вратиме назад, во старите, раскапани сандаци, туку за да ги изветриме и да ги преобликуваме во ретро дела, со поинаква, автентична завршница, и само така да им се обраќаме, во иднина. Со тоа конечно ќе ја завршиме и нивната приказна, во нашите животи. Затоа е потребно ОВАА ГРДА УБАВИНА ДА почне да УМИРА, ДЕНЕС.

 

Ќе мораме да им се вратиме, или по прв пат да ги поставиме клучните прашања и дилеми, од времето на егзистенцијализмот, за човекот, за животот и смртта, за смислата на постоењето, за кои никогаш доволно не сме расправале, на овие простори. Како да сме ја прескокнале таа фаза во развојот на нашата колективна свест, и сега мораме назад. А тоа значи и да го заживееме апсурдот како автетничен одговор на едно деструктивно време, наместо што постојано бегаме од него, протестираме, му се чудиме, секогаш одново, или се ужаснуваме и повлекуваме, беспомошно.

 

Нашиот одговор на законот за абортус, на пример, би требало да биде формирање пунктови пред сите гинеколошки клиники, со пополнети барања за прекин на бременоста, за сите жени што ќе се појават пред влезот, и нивно охрабрување да ја поминат донесената “здрава, владина процедура”, независно од нивната состјоба. Би формирале и бесплатни советувалишта со комисии од доктори, психолози и слично, како што предвидува законот, за советување на идните потенцијални “убици на фетуси”, како полесно да се носат со чинот на насилство, и со чувството на вина, поради злосторничкиот чин.

 

За секое пресечено дрво, при расчистување на јавен терен, наместо да протестираме, или да садиме нови, ќе исечеме уште десет. А, за секој притворен новинар, како и за секој лустриран граѓанин, ќе набавиме пријави за уште десет со слични дела и прекршоци, и ќе обезбедиме луѓе кои доброволно ќе се пријават, под истите услови да лежат во затвор, или да сведочат за сторените дела. И се така додека не ги претрупаме со пријави и луѓе, СВР и судските органи, и сите останати институции на системот. Се додека не ги заглавиме толку, што луѓето да почнат да бегаат, наместо да посакуваат вработувања во нив.

 

Само така, додека го следиме и живееме апсурдот, без да се браниме од него, најзагрозените нема веќе да се чувствуваат осамени и препуштени на злоупотребата на законите и моќта, во лудилото на едно време, туку ќе покажеме дека сме сите заедно во тоа. Човекот наспроти системот, а не обратното.

 

ОВАА УБАВИНА МОРА ДА УМРЕ за да се вратат духот и смислата на нашите животи. Таа мора да умре за да се поместат историски заглавените места, а слабата, вештачка конструкција покриена со плаштот од лаги да исчезне во дупката од големото НИШТО. Тој процес е веќе започнат, со моментот кога почна да паѓаат маските на студено-пресметаните изрази на лицето на моќникот, и кога неконтролирано истите почнаа да се заменуваат со автенични чувства на бес и омраза, или со излегување од таборот, и со отворено критикување и плукање по своите, како во актот на потпишување на фамозниот извештај, или во противењето на Паско, но и во последната изјава на Латас, и многу други, надвор од нашите погледи.

 

Грдата, одвратна, лажна УБАВИНА МОРА ДА УМРЕ, заради повторно раѓање на автентичноста, на припадноста на себе самите, за конечно воспоставување на редот, во името на уметноста на живеењето, која заслужуваме да ја уживаме и славиме сите.

 

Автор: Лина Костарова

Извор: Globus magazin